Албанскиот фактор клучен во формирањето на новата влада во Македонија

Победата на СДСМ во повтореното прегласување во Општината Теарце не ги промени мандатите (бројот на пратениците), но ја разгорува војната околу процесот за коалицирање за нова Влада

Албанскиот фактор клучен во формирањето на новата влада во Македонија

     Победата на СДСМ во повтореното прегласување во Општината Теарце не ги промени мандатите (бројот на пратениците), но ја разгорува војната околу процесот за коалицирање за нова Влада. Патот до таму нема да биде нималку лесен, посебно за лидерот на владеачката ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.ВМРО ДПМНЕ остана на 51 мандат (пратеници) а СДСМ на 49. Стартните позиции во трката за формирање нова Влада остануваат непроменети и по повтореното гласање во Теарце. Со 245 освоени гласови СДСМ ја однесе победата пред ВМРО ДПМНЕ која заработи 150, што сепак се покажа недоволно за да обезбеди и промена, односно изедначување во бројот на пратеничките мандати. „Пол позицијата“ и го отвора патот на ВМРО ДПМНЕ во коалициските преговори, но високо ја позиционира и дилемата околу реалните изгледи за успех на овој пат. ВМРО ДПМНЕ прославува и соопшти дека веќе е во преговори за коалиција, СДСМ пак најавува дека таа ќе биде партијата која ќе ја формира новата Влада како логичен епилог на бројот на освоени опозициски гласови. Многу дилеми, многу математики, коментираат експертите. Дел од нив сметаат дека ништо не е готово и сите опции се отворени:

      Не се исклучува ниту една опција, ниту екстремот да се оди на нови избори, значи воопшто да не може да се формира влада, ниту широка коалиција, ниту која било внатрешна комбинација на партиите да формираат Влада. Но тоа што се знае, без разлика која ќе биде комбинацијата се две работи. Дека таа Влада ќе има ограничен мандат, кој ќе биде фокусиран на идните реформски приоритети и дека ќе биде со ограничен рок. И тоа ќе влијае кај партиите за преговори во составување на Влада. Сите ќе калкулираат дека таа влада ќе има релативно непријатен список на работи кои ќе треба да ги заврши и дека ќе има ограничен рок на траење. Тоа ќе влијае на преговорите и нема баш сите да се потепаат за учество во таа Влада.Иако тоа не е неопходно, сепак лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски веројатно би го добил мандатот за составување на нова влада, а со тоа и жешкиот костен за преговори со партиите на Албанците:

         Фактурата од таа страна ќе биде висока бидејќи партиите на албанците ќе бидат де факто оние кои ќе составуваат Влада, но сепак и тоа е со ограничен рок. Ние не знаеме дали тие придобивки ќе останат трајни или ќе бидат некаква фактура за овој период. Оттука не сум сигурен дека тие ќе бидат успешни во таа прва тура бидејќи фактурата на албанците ќе биде енормно висока и не сум сигурен дека Груевски кога ќе се пресмета ќе му одговара и да ја „плати“. Бидејки, распоредот на силите во делот на пратеничките мандати според дел од експертите не е никаква гаранција за натамошниот процес. Посебно ако се имаат предвид условите и начинот на кој што тие се обезбедени, коментираат политичките аналитичари. Секоја друга опција освен влада формирана исклучиво од опозицијата според нив би било погубно сценарио. Генерално земајќи ги во предвид гласовите на опозицијата кои се бројчано многу повеќе од оние на власта даваат поголем легитимитет и подемократска основа за овој став. Затоа нема никаква дилема дека новата Влада треба да ја формира опозицијата заедно со сите оние политички субјекти кои ќе сметаат дека таа ќе им одговара. Албанскиот политички блок  очигледно клучниот фактор во целиот процес, но не помалку и пораките и сигналите кои во континуитет доаѓаат од надвор:

      Насоките и сигналите од ЕУ и меѓународната заедница се во насока на тоа дека Владата треба да се базира врз нови содржини. Албанскиот политички блок очигледно дека ќе биде клучен фактор, без разлика дали тоа ќе биде под притисок на нерасчистени или многу чисти сметки.

       Дел од експертите пак немаат дилема околу тоа кому треба да му биде доделен мандатот и кој треба да ја формира новата Влада. Според тиe блиски до партијата на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ треба да се помири со поразот, да му честита на победникот, а Зоран Заев да го исполни ветувањето и да ја напушти политиката. Уставните рокови велат тие се јасни, а согласно мајскиот договор и партнерите кои треба да ја формираат новата Влада:Тие очекуваат мандатар на новата Влада да биде Никола Груевски. Исто така, очекуваат старите коалициони партнери со уште неколку пратеници плус, многу брзо да се договорат околу клучните политички елементи на новата владина коалиција со цел нормализирање на државата, враќање на патот на владеењето на правото, редот и поредокот, продолжување на економските успеси во државата, сметаат тие.Македонските граѓани според нив извлекле многу поуки за идното политичко делување од политичката криза и стратегијата презентирана од страна на СДСМ.

        Сите претходно евидентирани слабости во системот очекуваат тие да бидат надминати, сите институционални пукнатини санирани и сите судски и јавно обвинителски предмети да влезат во нормална работа и завршница. Кој порано кој подоцна, важно е да се научат лекциите, важно е да се сфатат грешките и најважно е да се утврди лична кривична одговорност против секого кој ја внесе државата во ова лошо сценарио. За тоа прашање не смее да има никакви отстапки, коментираат аналитичари блиски до власта.

      Прегласувањето во Теарце не влијаеше на освоените пратенички мандати кај политичките партии на Албанците што сепак не значи дека таму не се можни и одредени изненадувања. Посебно во редовите на ДУИ, која важи за најголемиот губитник со само 10 освоени мандати , иако и оваа бројка ако се суди според упатените но и се погласните шпекулации за преминување како резултат на големото незадоволство не е сигурна ниту конечна. Изненадување е резултатот на ново формираното движење БЕСА која освои 5 пратенички мандати, Алијанса за Албанците со 3 и ДПА само со 2 пратеника. Новоизбраните пратеници веќе ги добија уверенијата за пратеници, а во истиот рок и Собранието треба да го добие и конечниот извештај за предвремените парламентарни избори. Рокот за конституирање на Собранието е до 31 јануари, а потоа, до 20 јануари треба да се избере новата Влада.

(Авторот на коментарот Ремзи Џанова е новинар колумнист во Македонија)



Слични вести