Стратешка анализа 19/2018

Грција поставува услови кои не може да ги исполни

Стратешка анализа 19/2018

        Изјавата на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас: „И да не постои договор со ПоранешнатаЈугословенска Република Македонија, ние нема да бидеме виновни, ова го знае и вселената“ предизвика шок во Македонија. Овие зборови искажани во најделикатната фаза на преговорите меѓу Грција и Македонија за условите што треба да се исполнат да се симне грчкиот ултиматум на патот кон ЕУ и кон НАТО на Македонија потврдуваат дека како што наближува денот „Д“, не само што грчките ставови стануваат потврди и некомпромисни, туку концентрацијата преминува на клучната византиска доктрина – Грција во никој случај да не биде виновна за крах на преговорите. Тоа го знае однапред целиот космос, бидејќи и тој е грчки.

       Според толкувањето на министерот Коѕиас, старогрчкиот збор „космос“ ја означува сопственоста на вселената, кога универзумот заедно сосе сите планети и ѕвезди, галаксии и сите форми на материја и енергија, кога сите атоми, неутрони и протони се грчки, тогаш, нема потреба ни од преговори, туку треба само да се потврди веродостојноста на тапијата што им ја дале боговите на Елада и на Елините. По една ваква изјава, која открива дека целиот универзум знае кај која страна ќе биде вината за неуспехот, на „втората страна“ не ѝ преостанува ништо туку да прифати сѐ што бара „првата страна“, бидејќи таа е судијата за вселенска правда. Притоа трогнува до солзи грижата на министерот Коѕиас за судбината на македонскиот премиер Зоран Заев. Тој вели дека промената на името треба да се имплементира за внатрешна употреба преку уставни промени бидејќи следната влада ќе го испратела Заев во затвор со обвинување дека го прекршил уставот затоа што не се предвидува меѓународно име за земјата.

        Не знеме дали премиерот Заев му се заблагодарил на министерот Коѕиас за ваквата грижа, но надвладува општиот впечаток дека Грција не сака никаков компромис. Поточно, како што од Македонија доаѓаат сѐ посилни сигнали на попустливост со изјави за компромис и зеамно прифатливи решенија, како на пример, согласноста за географска додавка на името, но и за можноста за уставни промени на денот на приемот на Македонија во ЕУ (што ја најави Заев), така тие од грчка страна се толкуваат како провокации и штетни за преговорите. Се потврдува во практиката дека грчкиот начин на преговори и овој пат е во полна примена, а тоа значи сите отстапки што ги предлага втората страна (Македонија) да се прифатат веднаш и потоа да се почне од почеток со нови преговори и со нови услови.

     Сите инволвирани во преговорите, но и најголемиот дел од јавноста во двете земји, знаат дека решенијата што ги диктира Грција, дури и кога би биле прифатени во целост, се неодржливи. Не постојат такви гаранции, ни меѓународни, ни уставни, ни ерга омнес, кои можат да го одземат идентитетот и да го откорнат јазикот на граѓаните на една земја. Кога тоа не се случило во изминатите столетија на војни и повеќевековно владеење со Румелија и Тракија, тоа најмалку може да се случи сега. Играта да не се најде решение, а за тоа да биде виновна послабата страна, која е под страшен меѓународен притисок, е веќе јасно видлива и потврдена со фактот дека во Грција се калкулирало дека нема да поминат во македонскиот парламент и во македонската јавност предлозите за ерга омнес со уставни промени за употреба на новото име и дома и во светот. Тоа е доктрината да не се дојде до решение, а да биде виновна Македонија.

           Одговорот стаса од македонскиот премиер Зоран Заев, дека ако не се најде решение, не е крај на светот, во сила стапува планот „Б“, а тоа е Европа да се донесе во Македонија. Тоа можело да се постигне со решително спроведување на реформите. Малку кој верува во ова, иако добро звучи, бидејќи за такво решение Македонија имаше на располагање речиси цели три децении. Во тоа време од 27 години политичките, интелектуалните и деловните елити успеаја да стасаат само до кандидатура со условени покани од Брисел за преговори со ЕУ и за членство во НАТО, но само по успешен договор со Грција. ЕУ никогаш не посочи поконкретно и јавно во што се состои компромисното решение прифатливо и одржливо за двете страни.

       Преговорите без уважување на меѓународното право со помал или поголем интензитет траат 25 години. Решение нема. Сега, кога се чини дека е најблиску до компромис, главниот преговарач од Грција, министерот Коѕиас, објави кој ќе биде виновникот за евентуален неуспех ако не се прифатат сите грчки црвени линии. Во Македонија уште никој не знае во што е компромисот од страна на Грција, дали е направена и најмала отстапка која ја засега Грција.

    Во Македонија, откако е склучена привремената спогодба, се направени повеќе чувствителни отстапки. Промена на знаме, дополнување на уставот каде што Грција препозна иредентизам, иако и во својот устав има идентични и уште поконкретни одредби за своите малцинства во соседните земји. И сега Македонија е подготвена да се нагласи посебноста на грчкиот дел со географска додавка во своето име, подготвена и да отстрани сѐ што на Грција ѝ звучи како иредентистичка опасност, дури и од учебниците, иако е сосема јасно дека таква опасност Македонија не претставува за ниту еден сосед, а најмалку за моќната Грција, членка на НАТО и на ЕУ. По сето ова, Грција поставува услови кои Македонија не може да ги исполни. Очигледно, без порешително учество на Америка и на моќните европски земји и лидери овој проблем останува нерешлив. Откажувањето на Америка и на Европа од стратегиските интереси за овој дел на Балканот и на Европа, каде што припаѓа Македонија, ќе означи дека или биле погрешни проценките за стратегиските интереси на ЕУ и на Америка, или дека Грција е сепак позначајна од тие интереси, поради што не може да се најде заеднички прифатливо решение со компромис на двете страни.

    И останува уште една трета можност – дека министерот Коѕиас во оваа претпоследна рунда од преговорите прави обид за вселенска мисија, која ќе му овозможи подобра позиција на премиерот Алексис Ципрас, кој заедно со Зоран Заев ќе треба да го пресече Гордиевиот јазол. Тоа би бил најпосакуваниот крај на една тридецениска одисеја, кој ќе приличи остварување на големата надеж од нивната прва средба. Настан што ќе отвори нова ера, не само во односите меѓу двете земји, туку на целиот Балкански Полуостров. Е, тоа би била космичка вест за целиот универзум, дека Грција и Македонија конечно се договориле. Додека не се случи, тешко е да се поверува.

(Авторот Ремзи Џанова е новинар во Македонија)

 



Слични вести