Ердоган:Турција сака Балканот да се спомнува со надеж за посветла иднина

Претседателот Реџеп Тајип Ердоган на Бизнис форумот Турција-Србија во Белград, истакна дека Турција е против поделби на Балканот

Ердоган:Турција сака Балканот да се спомнува со надеж за посветла иднина

Претседателот Реџеп Тајип Ердоган на Бизнис форумот Турција-Србија во Белград, истакна дека Турција сака Балканот да се спомнува со надеж за посветла иднина со интеграција, мир и заеднички интереси, и додаде дека не сакаат поделби и разделувањa на Балканот.

„Не сакаме поделби и разделувањa на Балканот. Исто така, сакам да потенцирам дека сме против тоа, некој да ги смета овие земји како нивен последен двор“ , изјави Ердоган кој во Србија престојува во дводнева посета.  

Претседателот Ердоган истакна дека се чувствува среќен што ја посетува Србија како претседател, земја која тој претходно ја посетил пред седум години, како премиер.

Тој упати благодарност до неговиот колега Александар Вучиќ за гостопримството. Турскиот претседател рече дека постои меѓусебна волја за унапредување на билатералните односи со Србија, која Ердоган ја опиша како пријателска и клучна земја за мирот и стабилноста на Балканот. Истакнувајќи дека оваа посета е доказ за важноста која ја придаваат на односите со Србија, Ердоган рече дека присуството на вкупно 200 турски бизнисмени, и вкупно 700 во оваа сала, е показател на волјата за унапредување на односите меѓу двете земји.

„Турција е земја која често е соочена со сериозни испитувања, како поради регионот во кој се наоѓа, така и поради внатрешната динамика. Најдобриот пример за ова е ноќта на 15 јули. Ние успеавме со големата храброст и жртвување на нашиот народ да го поразиме овој напад против нашата слобода и иднина, кој беше најкрвавиот напад во нашата историја", истакна Ердоган.

„Турција го остави зад себе ризикот од обидот за државен удар со којшто се соочи, и уште еднаш му покажа на светот дека нејзината економија е поставена на цврсти темели“ додаде тој.

Ердоган истакна дека во изминатите 15 години, Турција претставува приказна за успех во економијата, која само во периодот од 2011 до 2015 година постигнала економски раст од 7,1 отсто, и 5,1 отсто во првата половина на оваа година, чекорејќи го патот на нејзините цели. „Фактички, промените кои се случија во економијата на Турција во последните 15 години се приказна за успех“, посочи претседателот Ердоган.

Ердоган се осврна и на успесите на Турција, и рече дека во последните 15 години Турција петкратно го зголеми нејзиниот извоз, кој достигна до 153 милијарди долари.

Ердоган додаде дека во рамките на целите на Турција за 2023 година, имаат намера оваа бројка да ја зголемат на 500 милијарди долари и дека имаат за цел Турција да биде една од десетте најголеми економии во светот.

„Нашите големи проекти и инвестиции ги продолжуваме со одлучност, без да дозволиме внатрешни и надворешни турбуленции“, рече Ердоган. Тој се осврна и на реализираните проекти, како мостот Османгази на Мраморното Море, мостот Јавуз Султан Селим на Босфорот и Евроазискиот тунел, како и проектите кои се очекуваат да завршат во иднина, како што е мостот на Чанаккале 1915, и третиот аеродром во Истанбул, чија последната фаза се очекува да заврши во 2023 година, со што е предвидено да се постигне капацитет од 150 до 200 милиони патници.

Турскиот претседател, Ердоган, истакна дека кон крајот на оваа година, или на почетокот на 2018 година ќе се постави камен темелник на Канал Истанбул, кој ќе биде паралелен со Босфорот.

„Пред се, да се отвори еден нов канал, паралелно со Босфорот во Истанбул, тоа што го викаме Канал Истанбул е еден мој сон. Се надеваме дека кон крајот на годината или почетокот на 2018 година ќе ги поставиме темелите на тој канал,“ нагласи Ердоган.



Слични вести