Претседателот Ѓорге Иванов, почесен доктор на науки на Универзитетот Џумхуријет во Сивас

Претседателот на Р. Македонија Ѓорге Иванов престојува во посета на градот Сивас каде што му беше врачена титулата почесен доктор на науки на Универзитетот Џумхуријет

Претседателот Ѓорге Иванов, почесен доктор на науки на Универзитетот Џумхуријет во Сивас

На претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов кој престојува во посета на градот Сивас денес му е доделена титулата почесен доктор на науки (Doctor Honoris Causa) од страна на Универзитетот „Џумхуријет“ (Република), јавува Anadolu Agency (AA).

По овој повод се одржа пригодна церемонија во Културниот центар на универзитетот, која започна со интонирање на химните на Македонија и Турција.

Валијата на Сивас Давут Ѓул во своето обраќање пред присутните истакна дека оваа церемонија ќе биде причина за зајакнување на добрите односи меѓу двете земји, и ќе даде придонес во областа на образованието, но и на други полиња.

Ректорот на Универзитетот „Џумхуријет“, проф. д-р Алим Јилдиз, презентираше информации околу универзитетот и нагласи дека Македонија е пријателска земја која со Турција дели заедничко минато и со која се обединуваат од географски, историски и културен аспект.

Јилдиз нагласи дека науката е заедничкиот имот на човештвото и дека соработката со македонските универзитети ќе придонесе кон иднината на двете земји.

Ректорот Јилдиз му ја врачи титулата почесен доктор на науки (Doctor Honoris Causa) на претседателот Иванов, по што тој одржа предавање на тема „Ататурк и Македонија“.

Иванов во својот говор потсети дека од основањето на Големото Народно Собрание на Турција (ТБММ) поминале 98 години, се осврна и на фазите на формирање на Република Турција и на карактеристиките на Ататурк.

„Мустафа Кемал беше војник од аспект на неговите способности, наставник од аспект на интуицијата и политичар од аспект на неговите чувства. Врската меѓу Мустафа Кемал и Македонија не е само една врска од географски аспект“, истакна претседателот Иванов и додаде дека Македонија не е само родното место на Ататурк, туку и средина каде што се обликувале и неговите разбирања, мислења и карактер.

Иванов говореше и за поврзаноста на Мустафа Кемал Ататурк со Македонија, и додаде дека Македонија е родно место на повеќе истакнати личности, меѓу кои и Ататурк.

Претседателот Ѓорге Иванов потоа оствари средба со ректорот на Унверзитетот „Џумхуријет“, проф. д-р Алим Јилдиз.

 



Слични вести