Заев: Република Северна Македонија е постигнатото решение

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, одржа прес-конференција на која информираше дека Република Северна Македонија е постигнатото решение за спорот околу името со Грција

Заев: Република Северна Македонија е постигнатото решение

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, одржа прес-конференција на која информираше дека Република Северна Македонија е постигнатото решение за спорот околу името со Грција.

Во своето обраќање на вечерашната прес конференција во Владата на Република Македонија, во присуство на сите министри во Владата, премиерот Заев посочи дека тие се определиле за иднината и затоа имаат успех и затоа денеска се тука. Заев реше дека има историско, вековно решение. Тој рече дека со решавањето на спорот околу името помеѓу Македонија и Грција, се гради пријателство меѓу двете земји и двата народи, кое никогаш не било поголемо.

„Нашиот влог во компромисот е дефинирање на прецизирано македонско име за нашата држава. Име кое е достоинствено и географски прецизно, Република Северна Македонија, со превод на сите јазици. Името е предвидено да биде за севкупна употреба а ќе се прецизира со амандман во Уставот", истакна Заев.

Премиерот Заев рече дека договорот предвидува потврда на македонскиот јазик во Обединетите Нации. Македонски, Macedonian, без фусноти. Националноста е македонска / граѓани на Република Северна Македонија. Или на англиски: Macedonian / Citizens of the Republic of North Macedonia.

Со овој договор, посочи Заев, ќе биде потврден и зајакнат македонскот етнички и културен идентиет, а се добива и гаранција за безбедност, стабилност и просперитетна иднина за граѓаните на Република Македонија.

Премиерот на Република Македонија информираше дека договорот ќе биде презентиран пред сите релевантни полтички субјекти во државата, а потоа потпишан од претставниците на двете влади, после што ќе следува ратификација во Собранието на Република Македонија. Веднаш после ратификацијата, како што рече Заев, Република Грција ќе испрати писмо до генералниот секретар на НАТО со кое ќе го извести дека меѓу двете земји веќе нема спор и дека не постојат пречки Македонија да добие членство за покана во НАТО.

Исто така, според Заев, Република Грција ќе испрати писмо до претседателот на Европскиот Совет со кое ќе го извести дека веќе нема пречки и дека препорачуваат земјата да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Тој изрази уверувње дека Европскиот совет на 28 јуни ќе донесе одлука за почеток на преговорите со ЕУ.

Меѓудругото, Заев додаде и дека силно верува дека на Самитот на НАТО на 12 јули во Брисел, Македонија ќе добие покана за полноправно членство како 30 членка на Алијансата. Исто така, посочи дека гласот на граѓаните е конечен и дека во врска со решението за името ќе се одржи референдум на есен оваа година.

„Како што ветивме, со договорот се гарантира дека на есен ќе има референдум. Граѓаните ќе одлучат за иднината. На тој референдум, нам, ни предстои да испишеме ново поглавје во историјата на нашата земја", истакна Заев.

Откако граѓаните ќе го потврдат овој историски договорор, Грција во своето Собрание кон крајот на годината , ќе го ратификува договорот и ќе го ратификува Протоколот за членство на земјата во НАТО. Со ова ставаме печат на нашето партнерство и пријателство, објасни премиерот Заев.

На крајот, премиерот Заев ги повика претседателот на државата, опозицијата и сите политички субјекти во земјата, на обединување околу врвните државни и национални приоритети.



Слични вести