Оптимистички изјави од Ципрас и Заев по потпишување на договорот за решавање на спорот за името

По потпишување на договорот за решавање на спорот за името пристигнаа оптимистички изјави од премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас

Оптимистички изјави од Ципрас и Заев по потпишување на договорот за решавање на спорот за името

Македонија и Грција денеска на грчката страна на Преспанското Езеро го потпишаа историскиот договор за решавање на спорот за името кој што продолжува помеѓу двете соседни земји веќе четвртина век, јавува новинската агенција Анадолија (Anadolu Agency AA).

Својот потпис на договорот го фрлија министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, заедно и со медијаторот во преговорите амбасадорот на Обединетите Нации Метју Нимиц, а на церемонијата присуствуваа и премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас, како и Високата претставничка за надворшени работи и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини и Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Македонскиот премиер Заев: „На темелите од минатото градиме иднина“

Премиерот на Република Македонија Зоран Заев во своето обраќање истакна дека е горд на денешниот договор, бидејќи како што рече, со потпишувањето на денешниот договор се става крај на еден спор и на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателските односи меѓу соседите.

„Тоа беа три децении неизвесност за нашата иднина, три децении сериозни грижи со несакани последици. Затоа ние, јас и премиерот Ципрас, министрите за надворешни работи, Димитров и Коѕијас, членовите на нашите влади, заедно со нашите соработници и со поддршка на ОН и ЕУ, како и со поддршка на нашите заеднички стратешки пријатели, тргнавме во потрага по решение, подостоинствено и прифатливо решение за двете страни. И стигнавме до решение“, рече Заев, додавајќи дека на темелите од минатото градат иднина.

„Научивме дека треба да учиме од историјата, а не да ја повторуваме. На темелите од минатото градиме иднина“, истакна Заев.

Според неговите зоборови, Договорот донесе охрабрување и аспирација за поголема доверба меѓу двете земји, за иницијативи што носат подобар живот за граѓаните на двете земји.

„Решението и процесот низ кој поминавме ни донесе пријател за кого до вчера некои во нашите средини нè убедуваа дека е непомирлив непријател. Градиме пријателство со Грција, ќе бидеме партнери и сојузници. Таа ќе биде нашиот поддржувач, заедно трасираме пат за стратешко партнерство, за придобивки за граѓаните на двете земји“, порача Заев.

Во својот говор, македонскиот премиер посочи дека регионот добива нова реалност, која заеднички ќе се гради врз темелите на меѓусебното пријателство и врз заедничките заложби за владеење на демократијата, мирот и просперитетот во целиот регион. Тој упати порака и до противниците на Договорот за решавање на спорот за името.

„И сите да знаат, противниците на овој договор имаат право на свое мислење и гласен аргументиран став. Да се има став е европски манир, исто како што е европски да се разговара и да му се дава шанса на решението низ институционалниот систем на одлучување. Европски е да му дадеме шанса на понуденото решение. Целиот демократски свет, сите наши заеднички пријатели, партнери и поддржувачи порачаа дека овој договор е чекор со кој нашите две земји се извлекуваат од минатото и тргнуваат кон иднината. Кога сите мислеа дека нема излез, ние тргнуваме напред.“

Премиерот Заев упати благодарност до неговиот грчки колега Алексис Ципрас и до грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, бидејќи како што рече, имале доблест и нашле сила да се посветат на ова, како што го нарече, историско и вековно решение.

Исто така, Заев му се заблагодари на амбасадорот Метју Нимиц, истакнувајќи дека тој посвети речиси три децении од својот живот во посредување на спорот за името. „Изразуваме благодарност и кон Европската Унија и кон нејзините претставници за сите изминати години. Голема е поддршката која низ целиот период ја добивавме и од САД и од сите сојузници на НАТО“, порача Заев.

Посебна благодарност, премиерот Заев упати и на шефовите на државите и на владите на соседните земји. Тој нагласи дека нивното охрабрување и помош биле од пресудно значење во одредени моменти.

Грчкиот премиер Ципрас: „Дојде време да пееме среќни песни на Балканот“

Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, за време на потпишувањето на договорот меѓу Македонија и Грција во својот говор истакна дека „дојде време повторно да пееме среќни песни на Балканот, а денес се прави првиот, смел чекор во оваа насока.“

„Една таква нова песна започнуваме да пишуваме овде во Преспа. Нашата цел е оваа песна на радоста да се пее многу векови и од многу идни генерации, на нашиот јазик и на вашиот јазик, во нашата земја и во вашата земја, од нашиот народ и од вашиот народ. Песна што ќе го слави мирот“, рече грчкиот премиер. За состанокот во Преспа рече дека тоа е состанок на историјата поради историското значење на областа.

„Се наоѓаме тука гледајќи ја во очи историјата на нашите народи, се наоѓаме овде за и двајцата да ја извршиме нашата патриотска должност“, рече грчкиот премиер и ги повика граѓаните на двете земји да го прифатат Договорот без предрасуди. „Напорно и неуморно стигнавме до заемно прифатлив договор, кој целосно ги почитува основните принципи и вредности на двете страни, договор кој денес ни дозволува да им се обратиме на граѓаните на двете земји, да ги погледнеме во очи и да ги повикаме да го прочитаат и да го поддржат без предрасуди. Ако душата на секој народ е неговата историја, тогаш во нашиот договор се отсликани душите и на двата народа“, истакна Ципрас.

По потпишувањето на договорот македонскиот премиер Зоран Заев ја извади својата кравата и му ја подари на грчкиот премиер Алексис Ципрас кој е познат по тоа што никогаш не носи кравата.

Како ќе се одвива процесот согласно постигнатиот договор

Договорот предвидува името на Република Македонија да се промени во „Република Северна Македонија“ и да се крене ветото на Грција во однос на членството на Македонија во Европската унија (ЕУ) и НАТО.

За да стапи во сила потпишаниот договор пак истиот треба да биде одобрен од парламентите на двете земји, а воедно истиот во Македонија ќе биде поставен на референдум.

Во меѓувреме,  Грција ќе даде поддршка на започнувањето на претпристапните преговори на Македонија во ЕУ на лидерскиот самит на Унијата на крајот на овој месец и на поканата за членство која што ќе и биде доставена на Македонија на претстојниот самит на НАТО во јули.  

Меѓутоа, укинувањето на ветото на Грција ќе биде обусловено со потпишување на договорот од страна на Македонија и остварување на неопходните уставни измени во врска со промената на името на државата. 

 



Слични вести