Договорот со Грција е без политички калкулации

Факт е дека немаме аспирации да ја окупираме Грција, Бугарија, Албанија, да напаѓаме други земји

Договорот со Грција е без политички калкулации

Македонија направи конкретен и праведен договор со Грција, еден храбар договор, бидејќи од доаѓањето на премиерската функција јасно ми беше дека не сме во време во кое можеме да направиме политички и партиски калкулации кои ќе ја доведат земјата во стагнација, изјави премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, на денешната дебата за уставните измени на Универзитетот ФОН во Скопје

Пред бројна публика од експерти за меѓународни односи и студенти на Универзитетот ФОН, Заев истакна дека ратификувањето на Договорот од Преспа во Собранието на Македонија, ќе ја направи земјата без билатерални спорови, со тоа што на Македонија ќе ѝ се отвори патот кон евроинтеграциите, без да биде спречена од никого.

Заев се осврна и на уставните измени, односно на четирите амандмани кои ја поминаа првата фаза на гласање во Собранието, и сега се тема на јавна дебата.

„Во првиот амандман“, рече Заев, „Република Македонија во Уставот ќе се измени во Република Северна Македонија, освен во еден случај каде што името Македонија има историски контекст.“

„Тоа е она што вгнездува непријатни чувства кај нас, граѓаните на Република Македонија, ама е факт дека во историскиот регион Македонија, ние сме северниот дел. Факт е дека немаме аспирации да ја окупираме Грција, Бугарија, Албанија, да напаѓаме други земји, нема ниту еден политички субјект, ниту една организација од државата која има територијални аспирации кон кого било од соседите, или кон која било друга земја“, истакна Заев, додавајќи дека вториот амандман го додава во Уставот Охридскиот рамковен договор како државотворен елемент.

Заев нагласи дека во третиот амандман се додава дека Република Македонија го почитува територијалниот интегритет и политичката независност на соседите, а во четвртиот амандман стои дека земјата ги брани правата и интересите на нејзините граѓани кои живеат во странство.

Премиерот Заев рече дека се подготвени да ги решат отворените билатерални прашања, и дека започнале преговорите со Грција. Според неговите зборови, важно е Грција да го одблокира процесот за интеграција на земјава, затоа што, како што рече, со интегрирањето во НАТО и во ЕУ придобивките се огромни, во секоја земја биле огромни, па дека затоа и за Македонија ќе бидат огромни.

„Од тоа немавме никаква резерва. Но притоа ни беше важно проблемот да биде трајно решен. Затоа и дојдовме до уставните промени. Денеска, огромно мнозинство, повеќе од 60 проценти е за поддршка на ова решение. Некаде околу 74 проценти од луѓето велат дека Парламентот мора да донесе одлука, затоа што тие бираат претставници на власта и претставниците треба да носат одлуки“, додаде Заев.

Ректорот на Универзитетот ФОН, Нано Ружин, истакна дека Македонија направи еден добар договор со Грција, бидејќи, според него, калкулацијата на поранешниот претседател Киро Глигоров, дека времето работи за Македонија, резултираше погрешно, и дека Македонија не може да ја победи дипломатската војна со Грција, ниту преку правните инструменти преку Меѓународниот суд за правда.

Ружин нагласи дека Договорот ѝ дава едно име на државата која во сите меѓународни инстанци имаше една референца, ФИРОМ, но истовремено ја отстранува од себеси иредентистичката политика, бидејќи, како што рече тој, територијата Македонија со 51 отсто се наоѓа во Грција, со 36 отсто во Република Македонија и со 10 отсто во Бугарија.

„Можеби не бевме свесни. Објаснувањето на Атина беше дека регионот кој се нарекува Македонија, знаеме, го делат Република Грција со 51,56 отсто од територијата или околу 34 илјади и 600 километри квадратни, Република Македонија со 38,2 отсто или некаде над 25 илјади километри квадратни и Бугарија со 10,2 отсто, односно 6,789 километри квадратни. Колку и нам да ни изгледа чудно, за геополитиката зборувам, кога вие имате монопол над еден простор да се вика според вашето име, се наметнува иредентистичка амбиција“, нагласи Ружин.

Тој додаде дека во регионот постојат уште неколку нерешени прашања, меѓу нив наведувајќи ја нефункционалноста на Босна и Херцеговина, како и процесот на дијалогот меѓу Приштина и Белград.

По обраќањата на отворањето, продолжи дебатата која е втора по ред од вкупно пет дебати, а потоа предлозите повторно се враќаат во Владата за да бидат разгледани, која потоа ги враќа во Собранието во форма на амандмани, за кои се потребни двотретински гласови, односно 80 пратеници.

Уставните измени се дел од Договорот од Преспа, потпишан во јуни од страна на владите на Македонија и Грција, чие спроведување е услов за членството на земјата во НАТО и за започнување на преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ).

По спроведувањето од македонската страна, Договорот од Преспа треба да се ратификува и од страна на грчкиот Парламент.



Слични вести