Никола Димитров: Грчката влада останува силно посветена на Преспанскиот договор

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров рече: Добив уверување дека грчката Влада останува силно посветена согласно националните интереси на Грција да ја заврши работата со Преспанскиот договор

Никола Димитров: Грчката влада останува силно посветена на Преспанскиот договор

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, во врска со информацијата за најавената оставка на грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, рече дека од страна на Грција добил уверување дека грчката Влада останува силно посветена да ја заврши работата со Преспанскиот договор.

Министерот Димитров ова го изјави на вчерашната прес-конференција во Владата на Република Македонија, одговарајќи на новинарско прашање да ја прокоментира веста дека владиниот коалиционен партнер во Грција, партијата АНЕЛ, ја напушта коалицијата, како и тоа дека лидерот на оваа партија, Панос Каменос, се повлекува од функцијата министер за одбрана.

„Ја видов веста за министерот за одбрана на Грција и лидер на АНЕЛ, Каменос, кој даде оставка од позицијата министер за одбрана. Имав веднаш потоа кратка коресподенција со мојот колега Катругалос и добив уверување дека грчката Влада останува силно посветена согласно националните интереси на Грција да ја заврши работата со Преспанскиот договор. И во таа смисла мислам дека е покорисно да упатуваме порака дека е време двете држави кои се соседни земји што споделуваат многу заеднички интереси да го направат овој исчекор кон блиско пријателство, стратешко партнерство и идни сојузници, нешто што требаше порано да го направиме“, рече Димитров.

Грчкиот министер за одбрана и челникот на партијата Независни Грци (АНЕЛ), Панос Каменос, вчера најави повлекување од министерската позиција, поради Договорот со кој Владата на Алексис Ципрас го решава долгогодишниот спор за името на Република Македонија (Преспанскиот договор).

„Прашањето за Македонија, прашање за кое илјадници беа убиени, не ми дозволува да не го жртвувам моето место во Владата“, рече Каменос.

Потсетуваме, Собранието на Република Македонија во петокот ги усвои уставните измени, со кои ќе се промени уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија, по стапување во сила на Договорот за решавање на спорот за името со Грција (Преспански договор).

По ратификацијата на Договорот во Собранието во Македонија, потребно е тој да биде ратификуван и во Парламентот на Грција.

 

                                                                                                                                    (Anadolu Agency-AA)



Слични вести