Турски печат 12.07.2018

Еве ги позначајните вести за кои што известуваат весниците во своите денешни изданија овде во Турција...

Турски печат 12.07.2018

Весникот „Стар“: Самит во НАТО за нова Турција.

Претседателот Реџеп Тајјип Ердоган се најде во фокусот на вниманието во белгискиот главен град Брисел каде што отпатува по повод критичниот самит на НАТО. Во завршната декларација на историската средба пак, беше ставено акцент на меѓународната солидарност со Турција по прашањето борбата против тероризмот.

Весникот „Јени Шафак“: Јасна порака од самитот на НАТО: Да не се преиспитува.

Министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во Брисел каде што замина за самитот на НАТО им даде јасни пораки на западните лидери. Правејќи проценка на критиките околу тоа дека Турција со купување на С-400 од Русија „се оддалечува од НАТО“, Чавушоглу рече: „Турција не се оддалечува од НАТО. Доколку нашите НАТО сојузници ги обезбедеа овие наши потреби, ние ќе ги купевме од нив. Кон крајот на следната година ќе пристигне првата батерија од Русија. На крај веќе нема потреба и од преиспитување на сето тоа.“

Весникот „Ватан“: Нацистичката невеста доби доживотна казна.

Единствениот член во живот на терористичката организација НСУ која во периодот од 2000 до 2007 година во Германија уби 8 Турци, еден Грк и еден германски полицаец, Беате Чепе е осудена на доживотен затвор. Турското министерство за надворешни работи пак истакна дека вистинските имиња кои ја користеа НСУ не беа изнесени ниту пред суд и со тоа не беше обелоденета врската помеѓу оваа терористичка организација и германската длабока држава.

Весникот „Хурријет“: Турција на врвот по порастот во производството на маслиново масло.

Во период кога глобалното производство на маслиново масло во 2016 и 2017 година опадна, Турција стана земја која ја зголеми најмногу количината на производство според земји. Турција своето производство на маслиново масло го зголеми за 58 илјади тони и го покачи на 208 илјади тони. На тој начин Турција се искачи на второто место во светот во производството на маслиново масло.

Весникот „Сабах“: Ник Кејв приреди концерт во Истанбул.

Австралискиот рок музичар, автор на песни, писател сценарист Ник Кејв по изминати 17 години повторно се сретна со своите обожаватели во Истанбул. Љубителите на музиката покажаа голема заинтересираност кон Ник Кејв кој заедно со музичката група „The Bad Seeds“ настапи во рамките на „25-от Истанбулски Џез Фестивал“.

 



Слични вести